ЗА НАС
Посебното основно училиште со ресурсен центар „Маца Ѓеорѓиева Овчарова“ е деветгодишно училиште со основна дејност – воспитно-образовна дејност за деца со посебни образовни потреби, во кое наставата се изведувa на македонски јазик и кирилско писмо. Функционира во заедничка зграда со ООУ„Панко Брашнаров“ и е препознатливо по својата хуманитарна мисија и алтруизам.

Училиштето е основано 1973 година, со акт бр. 01-4661 од 10.01.1973 година, а верифицирано со акт на Владата на Р. Македонија, бр. 10-550/3 од 17.05.1995 година.

Нашето училиште нуди образовен и рехабилитационен третман на деца со интелектуална попреченост, аутизам и комбинирани пречки во развојот, како и ресурсна логопедска дејност за корективен третман на ученици логопати кои имаат потешкотии во говорот и говорното изразување. Во секојдневната работа, учениците се опфатени од специјални едукатори и рехабилитатори и стручните соработници: 2 логопеди, психолог, специјален едукатор и рехабилитатор. Во склоп на секојдневната настава, вклучен е и негувател кој се грижи за базичните потреби на учениците.

Наставниот процес се изведува во согласност со Наставниот план и Програма на Министерството за образование на Р.С.Македонија, Бирото за развој на образованието и плановите и програмите на училиштето. Наставата се реализира во две смени, во училници, а корективните третмани во логопедски кабинет, кабинет за сензорна стимулација и за психомоторна реедукација.

Во состав на училиштето работи ученички дом формиран во учебната 1992/1993 година во кој се сместени екстерните ученици од Повардарскиот регион, со постојан престој од понеделник до петок и логопедски кабинет за деца со проблеми во говорот, во кој се опфатени ученици логопеди од училиштето и од редовните основни училишта во градот.

Како традиционално културно обележје на училиштето, по повод 3-ти Декември - Светскиот ден на лицата со инвалидност, е ликовната керамичка работилница, која се реализира со вклучување на редовните основни училишта од општините Велес, Чашка и Градско, како и претставници од посебните основни училишта и паралелки при редовните училишта од Републиката, под покровителство на градоначалникот на Општина Велес.