По повод Одбележувањето на 113 години од раѓањето на Коста Солев Рацин, ОУРЦ „Маца Ѓ. Овчарова“ - Велес, во соработка со Фондацијата „Ангел Петров“ - Велес, организираше три активности од областа на културата:
- Едукативна презентација и запознавање на учениците од VI до IX одделение со животот и делото на бесмртниот поет Кочо Рацин, во реализација на предметни наставници - специјални едукатори и рехабилитатори;
- Посета на спомен куќата на Кочо Рацин во Велес, каде учениците имаа можност да го разгледаат домот во кој што се родил, живеел и творел овој познат македонски книжевник и борец, основоположник на современата македонска литература;
- Изложба на портрети на Кочо Рацин, насликани од академскиот сликар Ангел Петров, во просториите на ОУРЦ „Маца Ѓ. Овчарова“, во огранизација на Фондацијата „Ангел Петров“. Свој осврт за значењето и културната вредност на портретите на великанот Кочо Рацин, даде сопругата на покојниот академски сликар, Светлана Петрова.
Учениците и тимот на нашето училиште, со внимание, интерес и позитивни емоции ги проследија сите три културни настани, горди што придонесовме во одбележување на овој голем и значаен ден „22ри Декември“ - раѓањето на Коста Солев Рацин.
Голема благодарност упатуваме до Фондацијата „Ангел Петров“ - Велес за соработката која започна во име на чествување на овој ден, а ќе продолжи и во иднина.
Тимот на ОУРЦ „Маца Ѓ. Овчарова“ - Велес