МЕЃУНАРОДНА XXV ЛИКОВНА РАБОТИЛНИЦА

Во просториите на нашето училиште со ресурсен центар „Маца Ѓ. Овчарова“, по повод 3ти Декември - Меѓународен ден на лицата со попреченост, вчера се одржа 25-та по ред ликовна работилница. Годинава, од републичка, работилницата прерасна во меѓународна со учество на претставници од четири училишта од Србија, Грција, Турција и Италија. Ученици со попреченост и лица со типичен развој од 31 училиште од овој реон и гостите од другите земји цртаа на керамика и заедно создаваа вредни уметнички дела со мотиви од нашето културно творештво.
Работилницата се реализираше и преку испраќање на ликовни творби. Во двете категории, изборот за најдобри ликовни творби и изработки, го вршеше комисија, каде што критериуми за изборот беа оригиналност, креативност и автентичност.
Наградени учесници се:
  • Ликовни творби:
I место - Даниела Теова - ООУ „Васил Главинов“ - Велес, ментор Снежана Стефановска
II место - Миа Несторова - ООУ „Васил Главинов“ - Велес, ментор Снежана Стефановска
III место - Габи Дафкова - ООУ „Тошо Арсов“ - Штип, ментор Емил Нацев
  • Ликовни изработки:
I место - Special High School and Lyceum S.E. for Deaf and Hard of Hearing of Thessaloniki, Greece
II место - Ана Куновска, Андреј Ѓошев, Викторија Попзлатанова - ООУ „Блаже Конески“ - Велес
III место - Skola za ostecene sluhom - nagluve „Stefan Decanski“, Serbia

Прво наградените учесници добија симболичен подарок и диплома за освоено место на Меѓународната ликовна работилница, додека на сите останати учесници и ментори ќе им бидат испратени благодарници и дипломи на меил.
Целта на ликовната работилница беше инклузија на лицата со попреченост.
Градоначалникот на Велес Марко Колев, ја посети ликовната работилница и им посака на учесниците успешна работа и меѓусебна дружба.
Уметничките дела создадени на ликовната работилница, која се одржува со поддршка на Општина Велес, се изложени во НУЦК Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од 03 до 06 декември.
Голема благодарност и до ООУ „Васил Главинов“ - Велес и учениците од трето одделение, кои заедно со нивната наставничка и стручните соработници, ни донесоа прекрасни новогодишни украси и подароци кои ќе го красат нашето училиште, а ги изработија за време на заедничката онлајн инклузивна работилница, поддржана од Здружението "Отворете ги прозорците".

Галерија