За нас

Посебното основно училиште „Маца Овчарова“ – Велес е деветгодишно училиште со основна дејност воспитно-образовна дејност за деца со посебни образовни потреби, во кое наставата се изведува на Македонски јазик.

Од учебната 1992/93 година во состав на училиштето успешно работи ученички дом за екстерните ученици кои се школуваат во училиштето од Повардарскиот регион.

Воспитно образовната работа во училиштето се изведува во три смени. Задолжителната настава се изведува во две смени, претпладне и попладне, додека третата или ноќна смена е за екстерните ученици сместени во Ученичкиот дом.

Времетраењето на наставниот час изнесува 40 минути. Освен задолжителната настава, секој одделенски и предметен наставник реализира и по 1 час неделно дополнителна настава и 1 час СУА.

Задолжителната, допoлнителната и корективната настава се организираат според однапред подготвени Годишни, Тематски, Месечни и Дневно – оперативни планирања и подготовки по одделни наставни предмети.

Со учениците со комбинирани пречки и аутизам се работи според Индивидуален Оперативен План (ИОП) изготвен од страна на одделенските и предметните наставници во соработка со стручниот тим и родителите.

Во реализација на едукативно-корективниот третман дефектолозите користат современи методи и техники: театар на сенки, експеримент, демонстрација, набљудување, театар на маса, драматизација, коцка, огледало, проектно работење, индивидуализирана форма на работа.

За учениците со мултихендикеп и аутизам се применуваат методите: TEACH и PECS, како и методот на инволвирање.